Македонија Османи: Денес можеше да биде ден за славење и кај нас

Османи: Денес можеше да биде ден за славење и кај нас

Со ова јасно обвинување кон опозицијата за блокадата на уставните измени што ќе овозможеа официјален старт на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ, Османи се приклучи на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој од Самитот на ЕУ во Брисел упати обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ и Левица

Фото: Мета.мк

Денеска можевме и ние да славиме, но антиевропските темни сили држат во заложништво два милиони граѓани, порача македонскиот министер за надворешни работи денеска на својата Фејсбук страница, честитајќи го почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ на Украина и Молдавија.

„Честитки до Украина и Молдавија за почетокот на преговорите со Европската Унија. Денес можеше да биде ден за славење и кај нас за отварање на поглавјата, но антиевропските темни сили држат во заложништво 2 милиони граѓани.
Уште малку!“, напиша тој.

Со ова јасно обвинување кон опозицијата за блокадата на уставните измени што ќе овозможеа официјален старт на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ, Османи се приклучи на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој од Самитот на ЕУ во Брисел упати обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

„Морам да напоменам дека оваа работна посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку. Можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека ние продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ЛЕВИЦА“, рече тој и додаде:

„Нека им служи на чест на овие партии и политичари, а на граѓаните да им служи на ум и сами да проценат кој за каква иднина за граѓаните и државата се бори“, порача Ковачевски.