Главна секција Ослободен возачот на „пикапот“ на „Шарената револуција“

Ослободен возачот на „пикапот“ на „Шарената револуција“

Пуштен е на слобода возачот на „пикапот“ на „Шарената револуција“ кој што беше приведен синоќа.

Тој бил приведен поради кривично дело „оштетување на туѓи предмети“, а при претресот во комбето во полициската станица „Пролет“ биле пронајдени пакети со неотпакувана боја, водени детски пушки, и валјаци. Сето тоа било запленето, информираше неговиот адвокат.

Возачот беше приведен по завршувањето на синоќешниот протест, во близина на Градска болница во Скопје.

Од „Шарена револуција“ на својот „Фејсбук“ профил објавија:

„Режимот повторно се обидува да удри по нашите соборци, но нема да им успее! Вечерва, на крајот од протестот во Скопје, од страна на неуниформирани полициски лица приведен е Џовани, возачот на пикапот на ‪#‎ШаренаРеволуција‬ од каде секој ден ечат нашите гласови и нашите звуци. Џовани се наоѓа во полициска станица Пролет (Кисела Вода). Нема објаснување зошто е приведен, кажано му е да чека.
Пред полициската станица веќе се собираат стотици граѓани во знак на поддршка на нашиот соборец.
Џовани, со тебе сме, знаеме сите дека ќе има правда и ќе има мир. Ќе издржиме зашто заедно сме силни, зашто слободата е на прагот, а до тогаш ‪#‎НемаПравдаНемаМир‬!“, стои во „Фејсбук“ статусот.