Македонија Орбан: Унгарија не му помогна на Груевски да излезе од Македонија

Орбан: Унгарија не му помогна на Груевски да излезе од Македонија

Спротивно на претпоставките и на лажните вести кои беа објавени во медиумите, ниту унгарската држава, ниту унгарските власти му помогнале на Никола Груевски да ја напушти Македонија, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.

„Никола Груевски ја посочи својата намера да поднесе барање за азил во едно од унгарските претставништва во странство. Од безбедносни причини, унгарските власти овозможија поднесување на барањето и интервјуто на Никола Груевски, кој беше македонски премиер десет години, да се случи во седиштето за Канцеларијата за азил и имиграција во Будимпешта. Канцеларијата за азил и имиграција постапува по барањето за азил согласно унгарскиот закон и во хармонија со меѓународните закони“, велат од кабинетот на унгарскиот премиер.

Од таму додаваат дека во согласност со унгарските правни процедури и меѓународната практика, додека процедурата не се заврши, унгарските власти немаат право да обезбедат дополнителни информации во однос на процедурата за азил.

„Нагласуваме дека Никола Груевски е во Унгарија легално во согласност со законските одредби кои се однесуваат на процедурата за азил“, стои во соопштението од Кабинетот на премиерот Виктор Орбан.