Македонија Орав им пренел порака на лидерите во име на Хан

Орав им пренел порака на лидерите во име на Хан

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, не се обратил директно со писмо до четворицата лидери во Македонија за да побара обновување на преговорите, објави телевизија „Телма“.

Во негово име, пораките им ги пренел евроамбасадорот Аиво Орав, потврдуваат за телевизијата дипломатски извори. Изминатиот викенд, медиумите пренесоа дека Хан побарал дијалог, прочистен избирачки список, реформа на медиумите и сè што е потребно за да се обезбеди учество на сите партии на изборите. Денеска, портпаролката Маја Коцијанчич само формално одговори дека Хан не испратил писмен допис, но избегна детали.

– Не постои писмо и затоа не можам да соопштам никаква содржина за тоа, бидејќи не постои. Но тоа што постои се елементите, кои детално беа наведени во изјавата што беше објавена пред неколку дена. Тоа останува наша позиција и наш пристап – изјави Коцијанчич.

Последното писмо на комесарот Хан и на тројцата европратеници, Ховит, Кукан и Вајгл, датира од 21 април. Во него е побарано итно решавање на сите прашања што го оневозможуваат владеењето на правото, мислејќи пред сè на помилувањето што го објави претседателот Иванов и на организирање избори што би биле признаени од меѓународната заедница.