Македонија Општина Дебрца планира да гради две соларни централи

Општина Дебрца планира да гради две соларни централи

Општинските власти од Дебрца планираат да привлечат инвеститори кои ќе изградат две соларни централи на територијата на нивната општина. Локалните власти го презедоа управувањето со градежното земјиште, па се очекува тие да преземат иницијативи за искористување на сончевата енергија. Она што се чека е  завршувањето на парламентарните избори во април, вели градоначалникот на оваа општина Зоран Ногачески.

– Сакам да потенцирам дека во завршна фаза сме со донесување на Урбанистичките планови, треба да се донесат архитектонски – урбанистички проекти за изградба на соларни централи на две локации, на површина од 50 хектари. Тие ќе бидат ставени на продажба на заинтересираните инвеститори за вложување во соларната енергија – информира градоначалникот.

Во игра е и опцијата, секако во зависност од одлуката на Советот на општина Дебрца, локациите да бидат издадени и под закуп, додава градоначалникот Ногачески.

Амбициите на раководството на општината се насочени и кон користење на искуствата од земјите – членки на ЕУ за изработка на иновативни проекти и аплицирање за добивање средства од европските фондови.