fbpx

Општина Центар ќе конфискува дивоградби и ќе ги стави во функција на граѓаните

-

Дивоградбите ќе се конфискуваат и ќе се стават во функција на граѓаните, бидејќи е скапо да се рушат, најави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во интервју за Радио Слободна Европа.

Герасимовски ја претставил Иницијатива за регулирање, конфискација и ре-употреба на бесправно изградени објекти и на седница на ЗЕЛС, каде добил поддршка, затоа што речиси сите општини се соочуваат со истиот проблем. Тој вели дека во ЗЕЛС разговараат и за Законот за градежно земјиште, односно делот за дооформување на градежните парцели.

„Законската можност е доколку поседувате 30% од земјиштето, да ја дооформите парцелата со останатите 70%. Баравме начини како да го заштитиме државното земјиште и да не го распродаваме и направивме предлог иницијатива да се смени таа бројка и доколку имате сопственост 70%, да можете да ги дооформите и останатите 30%“, појаснува градоначалникот Герасимовски.

Иницијативата е доставена до ЗЕЛС, и до Министерството за транспорт и врски, а Герасимовски најави и други активности како на пример, решавање на практиката на Водно на пострмните делови, да се користи законска можност квотата да се земе од долната улица, а висината е 5+2 ката од горната улица, со што се добива плус дополнителни неколку спрата, што го оштетува самото земјиште и околината.

Дополнително, поради големиот број на возила во општината и проблемот со паркирањето, Советот донесе Одлука за доуредување на начинот на обезбедување паркинг места во рамките на градежна парцела со употреба на механизирани паркинг системи.

„Со оваа одлука, при издавање дозвола за градба, покрај тоа што има задолжителен паркинг простор во самата парцела, сакаме да ги отстраниме оние непопуларни ‘клацкалки’ за паркирање, коишто не се изведуваат на лице место. За жал, не сите инвеститори ги изведувале на времето и се соочуваме со проблеми со паркирањето, односно дел од тие возила остануваат на улиците. Ја размислуваме можноста за иницијатива да при купување на стан задолжително влезе и цената на паркинг простор, односно да секој сопственик на станбена единица во зграда, при купување на станот, да мора да има и паркинг место под зграда“, смета Герасимовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.