Македонија Општина Чаир има проект за проширување на училиштето „Исмаил Ќемали“, на ред...

Општина Чаир има проект за проширување на училиштето „Исмаил Ќемали“, на ред е МОН

Од Општина Чаир, под чија надлежност е основното училиште „Исмаил Ќемали“, велат дека имаат проект за решавање на проблемот на преголемиот број на ученици, каде што во речиси сите паралелки е надминат максималниот број дозволен со закон – 34 ученици.

Од оваа општина велат дека барањето за проширување на сегашниот училиштен објект е испратено до Министерството за образование и наука и дека се чека одобрувањето, по што ќе започнат со реализација на предвидениот проект.

Портпаролот на Општина Чаир, Куштрим Ала за „Порталб.мк“ објасни дека во подготвениот проект од општината, се планира да се изградат уште осум паралелки.

Директорката на ова училиште, Бурбуќе Имери изјави дека најоптоварени се паралелките од петто одделение, каде што во секоја паралелка е надминат бројот од 34 ученици, а во некои случаи тој достигнува и до 40.

Таа рече дека најдобро би било да се изгради ново училиште, бидејќи според неа, проширувањето на сегашниот објект е краткорочно решение и дека во иднина бројот на ученици повторно ќе се зголеми.И наставниците се пожалија дека е многу тешко да се работи со толку голем број ученици во една паралелка, и велат дека се потребни итни решенија.

Инаку, согласно законот на Министерството за образование и наука, минималниот број ученици во еден клас е 24, а максималниот 34, но паралелки може да се формираат и со помал број ученици доколку се исполнат условите.

Родителите бараат Општината Чаир да бара долгорочно решение на проблемот, МОН да се ангажира повеќе за распределба на паралелките во кои е надминат максималниот број на ученици определен со Закон и изградба на училишта, а таму каде што има потреба, Министерството за финансии да даде согласност за спроведување на законот.