Свет Европа Опозиционерот Алексеј Навални доби нова казна од 19 години затвор од рускиот...

Опозиционерот Алексеј Навални доби нова казна од 19 години затвор од рускиот суд

Навални беше прогласен за виновен за основање и финансирање на екстремистичка организација и активности. Тој ги негира обвиненијата

Фото: Evgeny Feldman - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=65027555

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални денеска доби дополнителна казна од 19 години затвор од рускиот суд, пренесува Би-би-си. Водечкиот критичар на режимот на Владимир Путин веќе одлежува затворска казна, а денешното судење се одвиваше во оддалечена казнена колонија во Русија.

Навални беше прогласен за виновен за основање и финансирање на екстремистичка организација и активности. Тој ги негира обвиненијата.

Инаку, опозицискиот лидер веќе отслужува деветгодишена казна за прекршување на условниот отпуст, измама и непочитување на судот. Обвиненијата против него нашироко се сметаат за политички мотивирани.

Навални е во затвор од 2021 година, а во изминатиов период беше држен во казнената колонија Мелехово на оддалеченост 240 километри источно од Москва.

Руските државни обвинители побараа 20 годишна затворска казна за Навални, но и барање тој да биде префрлен во уште построга казнена колонија која вообичаено е наменета за руските најопасни криминалци.

Навални испрати порака преку социјалните мрежи, во која го искажа своето верување дека ќе биде предмет на сталинистички прогон во затворите, со цел да бидат уплашени другите потенцијални дисиденти во Русија.

Навални сепак би можел да се соочи со дополнителни обвиненија. Тој вели дека инспекторите му рекле да очекува ново судење за обвиненија за тероризам.

Повеќе од една деценија, Навални се обидуваше да ја открие корупцијата во срцето на руската моќ. Неговите видео истраги добија десетици милиони прегледи на интернет.

Како харизматичен борец, тој се чинеше дека е единствениот руски опозициски лидер способен да мобилизира луѓе во голем број ширум Русија за да учествуваат во антивладините протести.

Во 2020 година, тој беше отруен во Сибир, од она што западните лаборатории подоцна потврдија дека е нервен агенс.