Свет ОН: 87.000 лица од Мјанмар побегнaле во Бангладеш

ОН: 87.000 лица од Мјанмар побегнaле во Бангладеш

Од 25 август, кога почнаа судирите во Мјанмар, во Бангладеш стигнале вкупно 87.000 бегалци, претежно припадници на муслиманскиот народ Рохинџа, соопштија Обединетите нации.

Светските агенции наведуваат дека преполни се камповите во Бангладеш со Рохинџа-муслимани.

Во текот на претходната недела, повеќе од 2.600 куќи се запалени на северозападот на Мјанмар, во областа каде живеат Рохинџа-муслимани, соопшти претставник на УНХЦР.

Властите на Мјанмар за палењето на куќите ја обвинија исламистичката група Војска за спас на Аракан Рохинџа, истата група која ја презеде одговорноста за координираните напади на безбедносните пунктови, што ги предизвика минатонеделните судири.

Сепак, Рохинџа-муслиманите кои пребегнале во Бангладеш велат дека кампањата на палење куќи и убиствата ги врши војската на Мјанмар, која се обидува да ги протера од таа област.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно предупреди за можна хуманитарна катастрофа на западот на Мјанмар и инсистира безбедносните сили на земјата да запрат со насилството, откако 400 лица, претежно Рохинџа-муслимани загинаа во судирите.