Македонија Оливер Андонов објави фракција во ВМРО-ДПМНЕ и побара оставка од Мицкоски

Оливер Андонов објави фракција во ВМРО-ДПМНЕ и побара оставка од Мицкоски

Од протестите кои ги организираше ВМРО-ДПМНЕ во јули годинава | Фото: Мета.мк

Поранешниот министер за внатрешни работи за еден ден, Оливер Андонов, со група приврзаници, објавија фракција за демoкратизација и реорганизација на ВМРО-ДПМНЕ и побараа оставка од партискиот претседател Христијан Мицкоски, јави Радио Слободна Европа.

На прес-конференцијата пред централата на ВМРО-ДПМНЕ, Андонов побара Мицкоски да си поднесе оставка и така да го отвори патот за „демократски промени“ во партијата.

„Основните политички цели кои сакам да ги посочам на оваа прес-конференција, покрај оставката на Мицкоски и целта за организација на нови избори за нов претседател на партијата, бидејќи сметам дека Мицкоски е потрошен во тоталност, ќе биде и повик до членството да се обединиме“, рече Андонов.

Тој обвини дека Мицкоски за пет години не сторил ништо на што партијата може да биде горда и дека ВМРО-ДПМНЕ не одбранила ниту еден национален интерес.

„Има незадоволство кај раководството затоа и реков од кај Централниот комитет има доволно луѓе, но во моментов не кажувам кој, каде и како, зошто не е добро во моментов да се доведат во непријатна состојба“, додаде Андонов.

На прес-конференцијата, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение велејќи дека иницијавата била толку безначајна што не вредела за посебен коментар.

Оттаму сметаат дека оваа иницијатива преставувала дефокус на власта од енергетската и економската криза, а ВМРО-ДПМНЕ била победничка партија и партија која ја декласирала СДСМ на последните избори.

„ВМРО-ДПМНЕ води на сите анкети и ја има убедливата поддршка од граѓаните кои бараат промени во власта. Секако тоа ги стимулира амбициите на луѓе и поединци кои се насочени исклучиво кон добивање на функции и позиции, а кои откако нема да ги добијат стануваат жестоки критичари и на тој начин сакаат да влезат во фокусот“, порача најголемата опозициска партија.