Македонија ОЈО покрена обвинение против 9 лица за перење на над 9 милиони...

ОЈО покрена обвинение против 9 лица за перење на над 9 милиони евра во случајот „Поштенска банка“

Фото: Архива на Мета

По сеопфатна истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против девет лица, информираат од ОЈО. Меѓу деветте обвинети се поранешниот градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Ратко Димитриевски и бизнисмените Коле Смилевски и Томе Главчев. На нив им се става на товар дека извршиле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 од Кривичниот законик.

„Заедно со останатите З.Ш., В.Ш., В.Д., В.П., Г.К. и З.М. сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.5 и ст. 3 в.в со ст.1 од Кривичниот законик. Со дејствијата што обвинетите ги презеле бесправно се пуштени пари во оптек во вредност од над 9 милиони евра“, се наведува во соопштението на ОЈО.

Од почеток на 2001 година до крајот на 2004 година К.С, Т.Г и Р.Д како одговорни лица, со намера за две правни лица во приватна сопственост да прибават значителна имотна корист, ја злоупотребиле службената положба и овластување во вршење на нивните посебни овластувања за законито работење.

Обвинителството во врска со предметот донесе и Наредба за проценка на замрзнатиот имот и евентуален дополнителен имот во сопственост на обвинетите со кој би се реализирала постапката за конфискација.​

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за случајот „Поштенска банка“, истрага што претходно ја водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а потоа со другите предмети премина во рацете на редовните обвинителства, но надлежниот обвинител остана ист, Бурим Рустеми.