Македонија ОЈО на увид по тешката сообраќајна несреќа на мостот „Гоце Делчев“ во...

ОЈО на увид по тешката сообраќајна несреќа на мостот „Гоце Делчев“ во која БМВ џип прегази пешак

Фото: Министерство за внатрешни работи

Во центарот на Скопје денеска се случи уште една тешка сообраќајна несреќа. Нешто по 11 часот пешак почина на мостот „Гоце Делчев“ откако беше прегазен од БМВ џип.

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека јавен обвинител изврши увид и презема дејствија за утврдување на фактите за настаната тешка сообраќајна несреќа.

„Првичните сознанија упатуваат дека до несреќата дошло кога автомобил марка БМВ со кумановски регистарски ознаки удрил во пешак кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот“, наведе ОЈО.

По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства.

Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата. Дежурниот јавен обвинител издаде наредба и за технички преглед на автомобилот.​​