Дописници Охриѓани собираат хуманитарна помош на мигрантите

Охриѓани собираат хуманитарна помош на мигрантите

Охриѓани денеска, исто како и жителите на Велес, Битола и на Скопје, организирано собираа хуманитарна помош за мигрантите што транзитираат низ Македонија. Помошта се собира во продавниците на „Биокосмос“, на булеварот Туристичка, наспроти Охридска банка, во периодот од 9 до 17 часот.

– Со оваа акција сакаме да придонесеме за намалување на страдањата низ кои минуваат бездомните луѓе и деца додека транзитираат низ нашата земја, да ги олесниме нивните маки, да внесеме трошка светлина во нивните животи – велат организаторите.

Собраната хуманитарната помош ќе биде доставена до хуманитарниот центар во Демир Капија.

Хуманите граѓани донираа храна (леб, намази, житни штангли, вода, нерасиплива конзервирана храна (освен од свинско потекло), потоа кроасани, млеко, бисквити, бебешка храна и други прехранбени производи.

Исто така, се собираше облека, како блузи со куси ракави, ранци, капчиња со стреа, детски шеширчиња, удобни обувки за пешачење, чорапи, кенгури за деца и слично.

Од медицинска помош се собираа гази, завои, спреј за рани, бетадин, фластери, аналгин, витамини, магнезиум, електролити, капки за очи.

Во делот на хигиенските средства, граѓаните донираа влажни марамчиња, пелени за деца и слични производи.