Дописници Охрид се подготвува за новогодишните празници

Охрид се подготвува за новогодишните празници

Дваесетина дена пред новогодишните празници, во Охрид локалната самоуправа привршува со декорирањето и со осветлувањето на центарот на градот.

– Очекувајте вистинска зимска бајка – најавуваат оттаму.

Сандански, Банско и Боровец, во Република Бугарија, но и Копаоник, Златибор и Стара Планина, во Република Србија се центрите кон кои охриѓани ќе гравитираат и оваа зима. Оние со подлабок џеб, ќе заминат во ексклузивните зимски центри во Швајцарија, Австрија, Франција, Италија и во Словенија. Има заинтересирани и за уште поатрактивни елитни дестинации, како Дубаи, Бали, Израел, Индија и Куба.

Сепак, според аранжманите во туристичките агенции, најбарана дестинација се Банско и Боровец. Се закупуваат пакетите „сè во едно“, кои вклучуваат четиридневни или седумдневни аранжмани со сместување во хотел и седум полупансиони, ски-карта, ски-учител, а за најмладите во цената е вклучена и детската градинка.

Како и да е, во Охрид, многу повеќе ќе допатуваат гости, отколку што охриѓани ќе заминат надвор. Хотелите нудат аранжманиза два, три или четири дена. Се очекуваат и гости од земјата, додека од соседството, најави има од Албанија, Србија, Грција и од Бугарија. Ќе има и индивидуални тури гости од европските држави, кои ќе пристигнат со сопствен или авионски превоз.

Цените се отприлика на ланско ниво.

– Во хотелот „Силекс“ понудивме за нијанса пониски цени од лани. Пакетот за три ноќевања, појадок и вечера, чини 119 евра, а за четири полупансиони ќе треба да се издвојат 145 евра – вели управителот Тоше Чочороски.

Во „Инекс Горица“ три полупансиони чинат 145 евра, а за четири се потребни 165 евра. Хотелот „Гранит“ за 119 евра нуди два полупансиони, за 156 за три. За деца до седум години, сместувањето е гратис, а за оние од седум до 14 години се плаќа 30 проценти.

Во соседна Струга, во хотелот „Дрим“, полупансион за две ноќи чини 119 евра, за три ноќи 159 и за четири – 190 евра.

– За деца до шест години сместувањето и услугите се бесплатни. За децата од шест до 12 години, се плаќа половината од цената – додава менаџерот Крсте Крис Блажески.