Дописници Охрид и Струга полни за новогодишните празници

Охрид и Струга полни за новогодишните празници

Најмалку 10.000 гости во Охрид и уште 5.000 во Струга, ги исполнија сместувачките капацитети за продолжениот празничен новогодишен викенд.

Охрид одамна не памети ваков интерес за Нова година. Сите хотели се полни, а во централното градско подрачје и во крајбрежната зона се бара легло повеќе и во приватното сместување.

Најголемиот број од гостите се од земјата, но повеќе илјади допатуваа од соседните земји. Доминираат туристите од Бугарија, Србија, Црна Гора и од Албанија, како и неколку организирани групи од Полска и од Турција.

Во хотелите „Метропол“ и „Белви“, кои се најголемите сместувачки капацитети во земјата со близу 1.000 легла, нема слободни места. Доминираат Бугарите, а по нив следуваат Србите, како и домашни гости, главно од Скопје, Прилеп, Битола и од други места.

Хотелите „Дрим“ и „Белград“ во Струга, исто така, се исполнети до последно место. Повеќе од 80 проценти од капацитетите ги закупиле гости од Бугарија. Во градот има гости и од Албанија и од Косово. Сите хотели на ривиерата понудија тридневни и четири дневни аранжмани, со свечен дочек.

Свечен дочек организираше и локалната самоуправа од Охрид, со одлична празнична забава на отворено, на градскиот плоштад Св. Климент Охридски.

Плоштадот беше преполн со славеници, на кои им беше организиран и спектакуларен огномет. Настапија пејачите Викторија Лоба и Боби Мојсовски, ансамблот „Билјана јуниор“ и групата „Компас бенд“.

Првиот ден од новата година, Охрид оддаваше слика како во летна сезона. Старата чаршија, плоштадот, кејот беа полни со туристи. Место се чекаше на терасите од бројните охридските кафулиња, кои беа преполни со гости.