Свет Европа Официјална Москва тврди дека сè уште нема контакти со Трамп

Официјална Москва тврди дека сè уште нема контакти со Трамп

Кремљ смета дека за средба помеѓу рускиот претседател, Владимир Путин, и претседателот на САД, Доналд Трамп, може да се разговара откако ќе почнат контактите помеѓу новата американска администрација и Москва.

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, изјави дека тоа сè уште не се случило.

– Рано е да се зборува за какви било иницијативи затоа што претседателот Трамп дури сега почнува со активностите – рече Песков, истакнувајќи дека треба да се почека да се воспостават контактите.

Песков изразил очекување дека наскоро ќе биде утврден и датумот на првиот телефонски разговор помеѓу рускиот претседател, Владимир Путин, и новиот американски претседател, но рече дека засега нема информации за тоа кога тие двајца би можеле да го одржат првиот состанок.

Според неговите зборови, за контактите помеѓу Москва и Вашингтон во врска со датумот на првиот телефонски разговор помеѓу Путин и Трамп е надлежно министерството за надворешни работи.

Песков додаде и дека е прерано да се зборува за каква било можна соработка помеѓу САД и Русија во борбата против исламските екстремисти.