Македонија Одложено судењето за случајот Пендиков, адвокатите на обвинетиот Спасески ја напуштија судницата

Одложено судењето за случајот Пендиков, адвокатите на обвинетиот Спасески ја напуштија судницата

Иако претходно тврдеше дека неговата безбедност во Македонија е загрозена, Пендиков денеска во судницата седна до Спасески, за кого тврди оти го натепал во Охрид

Министрите за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков (лево) и на РСМ, Бујар Османи (десно) во посета на претепаниот Христијан Пендиков. Фото: Твитер-профил на МНР на РСМ, Бујар Османи https://twitter.com/Bujar_O

Се одложи судењето за случајот со претепувањето на сега укинатото бугарско здружени „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков.

На денешното рочиште, охридското Обвинителство до судот доставило нов доказ против обвинетиот Илија Спасески. Откако адвокатите на Спасески побарале одлагање на рочиштето за да се проучи овој доказ, а судијата Бојан Мартиноски не дозволил, адвокатите на обвинетиот ја напуштиле салата, по што судењето без нив не можело да продолжи, јави Макфакс.

Во судницата во охридскиот Основен суд останал првообвинетиот Илија Спасески кој рече дека сака да се брани со адвокат и побара одлагање.

Рочиштето е одложено за 12 јули.

Иако претходно тврдеше дека неговата безбедност во Македонија е загрозена, Пендиков денеска во судницата седна до Спасески, за кого тврди оти го натепал во Охрид. По одложувањето на судењето, пред новинарите одново се пожали дека имал повреди, но и дека не се плаши да се врати во земјава.

„Лично да се плашам, не се плашам. Ама не е убаво чувството да добивате по 20-30 смртни закани со пцуење, на Фејсбук, месенџер, да се читаш во коментари“, рече Пендиков.

Тој не се појави на претходните судења, а неговиот адвокат тврдеше дека е на здравствени прегледи во Бугарија.

Откако беше претепан во јануари годинава, бугарските власти на Пендиков му организираа лекување во Софија и го транспортираа со владин авион. Обвинителството поднесе обвинение против Спасески, а уште едно лице кое наводно учествувало во тепачката и друго лице кое било сведок, не се достапни за органите на прогонот.