Македонија Одбележани 9 години од смртта на поранешниот претседател Киро Глигоров

Одбележани 9 години од смртта на поранешниот претседател Киро Глигоров

Државниот врв денеска ја одбележа 9-годишнината од смртта на поранешниот претседател Киро Глигоров. Делегација на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија денеска положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров, во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје, информираат од претседателскиот кабинет.

Делегацијата која му оддаде почит на поранешниот претседател беше во состав: Миле Бошњаковски, генерален секретар и полковник Билјана Блажеска, аѓутант на претседателот. Воедно, делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од министерот за правда Бојан Маричиќ и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска положија цвеќе на гробот на поранешниот претседател на нашата земја Киро Глигоров, во алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје.

„Киро Глигоров беше првиот претседател на независна Република Македонија. За изградбата на самостојна Македонија даде личен печат со спроведување на референдумот за независност, донесување на новиот Устав, битката за демократска преобразба и внатрешна консолидација на земјата и нејзина меѓународна афирмација“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

По повод деветгодишнината од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, делегација на СДСМ претставена од претседателот на СДММ, Марко Михаилоски и пратеничката од СДСМ, во Собранието на Република Северна Македонија, Даниела Маркоска, денеска оддаде почит и положи цвеќе на неговото вечно почивалиште.