Дописници Одбележани 15 години од убиството во „Бриони“ кај селото Челопек

Одбележани 15 години од убиството во „Бриони“ кај селото Челопек

Денеска се одбележа петнаесетгодишнината од грозоморното убиство на Боге Илиевски и на Светислав Трпковски од Челопек. Двајцата вработени во мотелот „Бриони“ беа свирепо убиени на денешен ден, додека дежураа на ноќната смена во мотелот. Беа врзани за еден од столбовите на објектот и со експлозив разнесени во воздух.

Петнаесетгодишнината се одбележа со помен парастос на православните гробишта во Челопек и на местото на масакрот.

Семејствата на убиените се револтирани што случајот „Бриони“ сè уште не е расветлен.

– Помина 15 години од крвавиот масакр, но досега ниту една власт не почна истрага за убиството на нашите најмили. Бараме правда за случајот, беа неправедно убиени, со никого не беа замерени, но, за жал, убиени додека го печалеа лебот за своето семејство – изјави Љупчо Начевски, зет на Светослав Трпковски.

Двајцата загинати беа цивилни жртви на припадници на ОНА.

Мотелот каде беа убиени Светислав и Боге и понатаму е разурнат, а на задругата „Единство“ не ѝ дозволуваат да го обнови мотелот, затоа што сметаат дека земјиштето каде стојат урнатините од овој објект е општонародно.