Македонија Од утре од 6 до 20 часот забрана за движење во шумите...

Од утре од 6 до 20 часот забрана за движење во шумите поради опасност од пожари

Фото: ЈП Национални шуми

Јавното претпријатие „Национални шуми”, поради зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор, како последица од зголемените температури, воведува делумна забрана за движење во шумите и по шумското земјиште со кои стопанисува, низ целата територија на државава.

По претходно добиена согласност од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Национални шуми“ објави дека, од утре стапува во сила делумна забрана за движење во шумите, што ќе важи во временскиот период од 6 до 20 часот, и ќе трае сѐ до проценката дека е намален ризикот од појава на шумски пожари.

Забраната нема да важи за вработените во ЈП „Национални шуми” и за субјектите кои вршат шумско-културни активности на површините со кои стопанисува ЈП „Национални шуми “, како и за лица кои имаат писмено одобрение за движење во шумите.

За непочитување на оваа забрана, на физичките лица кои ќе се затекнат да се движат во шума и во шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена глоба која изнесува, од 1.500 до 2.000 евра.