Македонија Од тројца пилоти во Дирекцијата за заштита и спасување, останат е само...

Од тројца пилоти во Дирекцијата за заштита и спасување, останат е само еден

Денеска со координирани дејствија од воздух и од земја, под контрола е ставен фронтот кој имаше опасност да го загрози резерватот Јасен. Иако двајца пилоти од ДЗС се заминати во пензија, тие повторно се вратени на работа поради големиот број пожари

Фото: Принтскрин, видео објава на МВР

Од тројца пилоти со кои располагаше Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), оваа година остана само со еден, откако двајца исполниле услови за старосна пензија, но во меѓувреме биле повторно ангажирани поради големиот број летни пожари, информираше Центарот за управување со кризи.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска го посетија делот од скопскиот аеродром каде што се лоцирани противпожарните авиони „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Тие се сретнаа со целокупниот присутен персонал и пилоти на ДЗС и им искажаа признание за храброста и пожртвуваноста за нивната постојана активност за справување со пожарите што се остварува во координација на ЦУК.

Ангелов и Тошковски и се сретнаа и со екипите од Кипар и Германија, коишто преку Механизам за цивилна заштита на ЕУ учествуваат во гасењето на пожарите.

Министерот Тошковски, кога се запозна со условите во коишто работат изрази жалење што тие се такви, како и за недостигот на кадар во ова одделение и за ниските плати, велат од ЦУК.

Тој најавил реформи на системот за справување со кризи, како од оперативен така и од материјално-технички карактер.

„Се сложивме дека потребата од реформата на системот е голема, а тие остануваат тука се додека е потребно, заедно да ги спасиме нашите шуми и природни богатства. Министерството за внатрешни работи останува со сите свои капацитети да учествува во гасењето на пожарите и во пронаоѓањето лица кои учествуваат во нивно подметнување и ширење“.

Инаку, денеска хеликоптерот Бел 412 од Хеликоптерската единица за полициски намени и припадниците на Специјалната антитерористичка единица – Тигар, дејствуваа на пожарот во реонот на Јасен.

„Благодарение на одличната соработка помеѓу овие две единици, со координирани дејствија од воздух и од земја, под контрола е ставен фронтот кој имаше опасност да го загрози резерватот Јасен“, велат од МВР.

Во 17 циклуси на хеликоптерот Бел 412, исфрлени биле над 25 тони вода.