Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не само што има блиски односи со фирмата „Анго“, која била задолжена за изградбата на контроверзната гаража до Собранието, туку и бил член на комисијата на Министерството за транспорт што го спровела јавното наддавање при првиот обид да се најде инвеститор за проектот во 2009 година, открива Призма во нивната обемна истражувачка сторија.
„Можно е да сум бил во комисијата, не знам, ако имате документи што го покажуваат тоа – веројатно сум бил“, изјавил Тошковски за БИРН.
Станува збор за изградба на катна гаража во просторот меѓу парламентот, Домот на АРМ и Управниот суд. Проектот во својата сегашна форма, како надземна гаража, е одобрен во 2013 година. Оттогаш, членовите на Собранието континуирано зборуваат за безбедносните ризици на градење таков објект толку блиску до зградата на Парламентот.
Најпрво се бара инвеститор за проектот во 2009 година, но како подземна гаража. Министерството за внатрешни работи тогаш проценува дека проектот е безбеден. Во 2012 година, инвеститорот „Макоил“ се откажува од земјиштето.
Во 2013 година, фирмата „Анго“ е одбрана како инвеститор, но овој пат го откупуваат земјиштето од 2500 метри квадратни за изградба на надземна гаража. Дополнително, според истражувањето на Призма, Министерството за транспорт и врски го продало земјиштето без да обезбеди безбедносна процена.
Потоа следуваат години неработа на објектот. Првично, „Анго“ вели дека не може да работи на проектот поради тоа цевките од градското парно под објектот, поради што ќе почека да заврши грејната сезона. Неколку години и грејни сезони подоцна, работата на гаражата повторно не е започната.
Во 2018 година, Општина Центар ја одзема дозволата за градба на „Анго“, тврдејќи дека фирмата заостанува зад рокот за почеток на градба.
„Меѓу 2018 и 2021 година, општината и „Анго“ водат две судски битки за одземањето на дозволата пред Управниот суд, кои фирмата ги добива во своја корист, застапувана од адвокатот Панче Тошковски“, открива Призма.
„Дали семејството ми е блиско? Ви кажувам – да! Дали сум ги застапувал? Да! Дали, освен во тој предмет, сум ги застапувал и во други? Да! И поради тоа како министер се изземав од овој случај“, вели Тошковски за Призма, а во врска со својот однос со фирмата „Анго“.
Летово, само неколку недели пред да истече законскиот рок од десет години за завршена градба, фирмата ја огради парцелата и навидум конечно почна со работа. Но, премиерот Христијан Мицкоски брзо ја прекина работата велејќи дека фирмата мора да се обесштети.
„Без разлика што некој друг се однесувал незрело, мора да го решиме проблемот, да го обесштетиме инвеститорот, а земјиштето да се врати на државата и да не се гради објектот“, изјави премиерот минатата недела.
„Анго“ пред десетина години го купила земјиштето за околу 330.000 евра, а денес несомнено, како што објави Призма, тоа би имало има повисока цена.