Македонија Од 8.000 до 20.000 евра казни за четири загадувачи во Скопје по...

Од 8.000 до 20.000 евра казни за четири загадувачи во Скопје по вонредните контроли

Во месец декември инспекторите за животна средина на Град Скопје извршиле осум вонредни контроли во индустриски објекти кои се под ингеренции на градот при што биле утврдени пречекорувања на емисиите на штетни гасови кај четири од нив, стои во Информацијата што ја изготви градскиот Инспекторат за активностите на инспекциите поврзани со справувањето со аерозагадувањето.

Загадувачите, чии имиња Градскиот инспекторат не ги објавува додека не заврши целокупната управна постапка, ќе бидат санкционирани согласно Законот за заштита на животната средина и Законот за квалитет на амбиенталниот воздух каде казните се движат од 8.000 до 20.000 евра.

Вонредното мерење на загадувањето се врши во соработка на инспекторите со акредитираната лабораторија за животна средина.

Според првиот човек на Градскиот инспекторат, Мирослав Богдановски, кај сите четири случаи се работи за пречекорувања на емисии на јаглероден моноксид.

Богдановски, одговарајќи на прашањето на „Мета“, најави вакви вонредни, ненајавени контроли на индустриските капацитети на целата територија на Скопје и во наредниов период, при што, како што кажа, веќе се лоцирани поголем број потенцијални загадувачи од индустрискиот сектор во градот.

Освен тоа, инспекторите за животна средина на Град Скопје, во изминативе три месеца извршиле по 2 редовни контроли на сите 40 инсталации кои подлежат на Б–Интегрирана еколошка дозвола.

Според Богдановски, воведувањето на 24-часовните дежурства на инспекциите како и за време на викендите, помогнало попрецизно и пореално да се утврди можното загадување на амбиенталниот воздух согласно дејноста која ја вршат правните субјекти, како и во зависност од технолошкиот процес на производство. Исто така, на адресата на градските инспектори од почетокот на функционирањето на телефонот 193 во трисменски дежурства пристигнале вкупно 38 пријави на граѓани по кои инспекторите веднаш постапиле.

Во декември биле контролирани и градежните локации во централното градско подрачје во другите општини, како и на територијата на Општина Аеродром каде се сконцентрирани поголемиот број од градилишта.

При тоа се контролирани 51 градилиште и врачени се осум казни и записници за перење на гумите, миење на улиците пред градилиштата и покривање на камионите кои излегуваат од градилиштата со церади, стои во извештајот на Градскиот инспекторат. Според извештајот, во периодот октомври-февруари кога има зголемено загадување на воздухот на територијата на Град Скопје се врши секојдневна контрола на градилиштата.