Македонија Обвинителството отвори истрага за затајување данок при увоз на дизел гориво

Обвинителството отвори истрага за затајување данок при увоз на дизел гориво

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека, отворило предистражна постапка по допрен глас во врска со злоупотреба и затајување на данок при увоз на дизел гориво.

„Предистражната постапка е започната поради постоење на сомнение дека се увезувала стока декларирана како нафта за домаќинство, а всушност се увезувало дизел гориво при што е нанесена штета на буџетот на Република Македонија. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција презема дејствија за утврдување на фактите“, стои во соопштението на Обвинителството.

На почетокот на оваа година дел од компаниите, коментирајќи го новиот закон за енергетика, го отворија прашањето за даночно затајување и неплаќање на акцизата при увоз на гориво на дел од увозниците.

Големите компании, кои надлежните институции редовно ги контролираат, тврдат дека малите увозници наместо дизел, на граница пријавуваат нафта за домаќинство и на тој начин плаќаат девет денари помалку за акциза по еден литар гориво.

Со последните измени на Законот за акцизи во ноември, минатата година акцизата за дизелот се зголеми за три денари и сега изнесува 15,121 денар по литар, додека акцизата за нафтата за домаќинство, која исто така се зголеми за три денари, од 1 јануари 2018 година изнесува 6,136 денари по литар.