Главна секција Обвинителството ѝ ги предаде сите предмети од прислушувањето на Катица Јанева

Обвинителството ѝ ги предаде сите предмети од прислушувањето на Катица Јанева

Со две возила, Јавното обвинителство денеска попладне, околу 15 часот, во Министерството за правда ги донесе материјалите за предметите што ги побара специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Документите, доказните материјали, кои беа спакувани во дваесетина кутии,
Јавното обвинителство ги предаде на последниот ден од истекот на законски предвидениот рок.

Предметите се против поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, за примање поткуп, против премиерот Никола Груевски, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески за фалсификување исправа, случајот „Пуч“, злоупотреба на службената положба и овластување против В.Т. и С.Б. од Битола и против непознато лице од Куманово за кривично дело неовластено прислушвање.

Од Обвинителството денеска информираа и дека освен побараните предмети, на специјалната обвинителка ѝ ги доставиле и другите предмети – вкупно 31  – што произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите.

Специјалната обвинителка Јанева денеска во 17.30 закажа прес-конференција за новинарите.