Македонија Обвинителство ја отфрли иницијативата од Антикорупциска против ректорот Никола Јанкуловски

Обвинителство ја отфрли иницијативата од Антикорупциска против ректорот Никола Јанкуловски

Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрлило иницијативата за кривично гонење поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) против Никола Јанкуловски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Обвинителот што ја водел предистражната постапка констатирал дека нема основано основано сомнение дека пријавениот сторил злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и несовесно работење.

Во иницијативата од Антикорупциска стоеше дека Јанкуловски не го ставил во мирување својот работен однос во ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија за време на извршувањето на ректорската должност. Со тоа, според наводите, тој од 15.09.2016 година противправно стекнал имотна корист од 2,45 милиони денари (речиси 40.000 евра) по основа на плата од клиниката, а бил должен работното место да му биде ставено во мирување.

Но обвинителот во предистрагата утврдил дека Јанкуловски е во редовен работен однос со клинката како професор-здравствен работник, и преку клиниката добива плата, пензиско, здравствено и социјално осигурување. Во исто време, тој е и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што извршува научна и едукативна дејност, а за ректорската функција примал надомест.

„По стапувањето на функцијата ректор на Универзитетот, согласно закон и склучен договор со Универзитетскиот Сенат, тој за ангажманот добива соодветен функционален надоместок, кој не може да се третира како плата. Од вербалните факти – исказите на сведоците, произлезе дека во целата досегашна практика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, сите досегашни ректори имале склучено вакви договори со кои се регулирале нивите права и обврски и тие договори биле во целост почитувани и исполнети“, се вели во соопштението од Обвинителството за отфрлањето на иницијативата од Антикорупциска.