Македонија Обвинение за тетовски гинеколог поради смрт на родилка

Обвинение за тетовски гинеколог поради смрт на родилка

Основното јавно обвинителство Тетово поднело обвинение против лекар гинеколог од Клиничкиот центар во Тетово, кој се товари за смртта на родилка, која починала при породување поради ненавремена медицинска интервенција.

Тетовското обвинителство, покрај обвинението, до Основниот суд Тетово доставило и предлог на лекарот да му биде изречена и споредна казна, забрана за вршење професија.

„Во август минатата година, при вршење царски рез врз пациентка, обвинетото лице не ги презело сите неопходни превентивни мерки за заштита од настанување на тешки последици, а кои во конкретниот случај биле многу веројатни. По настанато крвавење, лекарот не извршил веднаш медицинска интервенција со што можел да го спречи настанувањето на хеморагичниот шок, туку истата ја извршил со задоцнување, кога веќе било извесно дека здравствената состојба на пациентката е сериозно нарушена. Поради задоцнетото реагирање, пациентката западнала во кома. Во таква состојба била префрлена во Клинички центар во Скопје, каде и починала“, стои во соопштението на Обвинителството.