Македонија ОБСЕ/ОДИХР изборите на 24 април ќе ги следи со 300 набљудувачи

ОБСЕ/ОДИХР изборите на 24 април ќе ги следи со 300 набљудувачи

Предвремените парламентарни избори закажани за 24 април 2016 година ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи со 300 набљудувачи, стои во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР објавен на 27 ноември.

Во извештајот се наведени наодите од скенирањето на актуелната политичка состојба во земјата и процените за потребите на мисијата при следењето на изборите, спроведено во периодот меѓу 2 и 5 ноември.

Поради „тензичната и фрагилна политичка атмосфера во земјава“ и потребата од промовирање доверба во изборниот процес, заклучокот на ОБСЕ/ОДИХР, според извештајот, е дека е потребно проширување на набљудувачката мисија за изборите во 2016 година.

„Врз основа на наодите во овој извештај, ОБСЕ/ОДИХР препорачува проширување на набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година. Како дополнување на јадрото на тимот на аналитичари, ОБСЕ/ОДИХР ќе побара назначување на 24 набљудувачи кои на подолг рок ќе го следат изборниот процес низ целата земја, како и 300 набљудувачи кои ќе ја следат процедурата на денот на изборите“, стои извештајот на ОБСЕ/ОДИХР во делот „Заклучоци и препораки“.

Во извештајот се наведува дека иако голем дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР се опфатени со законите, сепак, сè уште има поголем број прашања за кои би било корисно подолготрајно и континуирано внимание.

„Ова ги вклучува имплементацијата на законските решенија, работата на изборната администрација, процедурата за прочистување на избирачкиот список, изборната кампања и потенцијалните притисоци врз гласачите и злоупотреба на државните ресурси, покривањето на изборите од медиумите, придржување до правилата за финансирање на кампањите на политичките партии, ефективноста на механизмите за жалби и за поплаки и работата на админстрацијата на денот на изборите, вклучувајќи го и пребројувањето на гласовите“, стои во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР.