Дописници Објавен тендерот за продажба на ФК Брегалница

Објавен тендерот за продажба на ФК Брегалница

Општината Штип денеска објави јавен повик за поднесување на понуди за продажба на акции, сопственост на Општината во фудбалскиот клуб Брегалница. На продажба се 250 обични акции, а една акција чини 100 евра. Општината очекува минимални 25.000 евра од целиот пакет.

Сепак услов за влез на нов сопственик е дополнителен влог во клубот, кој не смее да биде понизок од 300.000 евра годишно за инвестирање, исплата на плати и на премии и за други трошоци. Закупувачот се обврзува да работи со клубот најмалку 10 години.

Во Штип се споменува името на локален штипски бизнисмен, како вистински купувач на пакетот акции на Брегалница.

Општината Штип секоја година троши меѓу 300.000 и 500.000 евра за клубот, кој не носи приходи. Како што во една пригода изјави градоначалникот Илчо Захариев, сите пари што Општината ги собира од граѓаните на име данок на имот, одат во касата на клубот Брегалница.

Во јавноста има сомневања дали навистина Општината се ослободува од финансискиот товар или во прашање е профитабилен бизнис.

Локалната опозиција се спротивстави на овој вид на продажба на клубот, со образложение дека е избрзана.