Свет Обама: Следните денови се клучни за Сирија

Обама: Следните денови се клучни за Сирија

Американскиот претседател Барак Обама нагласи дека деновите што доаѓаат се клучни за Сирија, предупредувајќи ги режимот на Башар ал Асад и неговите руски сојузници дека светот будно ќе го следи нивното спроведување на примирјето.

– Деновите што доаѓаат ќе бидат клучни, светот ќе гледа – рече Обама на состанокот на неговиот Совет за национална безбедност во Вашингтон, инсистирајќи на одговорност на Дамаск и на Москва во првата етапа од примирјето, кое треба да стави крај на хаосот во Сирија.

– Запирањето на непријателствата, кое треба да стапи на сила в петок на полноќ, е можна етапа во запирањето на хаосот. Сите знаат што треба да се случи: сите страни мора да ги запрат нападите, вклучително и воздушните напади, а хуманитарната помош мора да биде упатена. Сето тоа зависи од почитувањето на ангажманите на сирискиот режим, Русија и на нивните сојузници – рече Обама.

Режимот на Башар ал Асад, бунтовниците и курдските сили најавија дека ќе го почитуваат примирјето договорено меѓу Русија и САД, кое треба да стапи на сила вечерва на полноќ, по сириско локално време.