Свет Обама остро ги осуди нападите во Алепо

Обама остро ги осуди нападите во Алепо

Претседателот на САД, Барак Обама, остро ги осуди, како што ги нарече, “варварските напади на рускиот и на сирискиот режим врз цивилното население во источниот дел на Алепо“.

Белата куќа соопшти дека американскиот лидер имал телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел. И обајцата се согласиле дека Русија и режимот на Асад имаат „особена одговорност“ да го прекинат насилството и да дозволат пристап на хуманитарната помош во погодените области.

Претходно, државниот секретар на САД, Џон Кери, кажа дека размислуваат да ги прекинат дипломатските разговори со Русија заради продолжените бомбашки напади на Москва врз бунтовниците во источниот дел на Алепо.

Според Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија, изминатава година, од руските воздушни напади во земјата загинале 9.000 лица, меѓу кои многумина биле цивили.

Само во Алепо, стотици илјади цивили се заглавени во градот. Половина од нив се деца.

САД вршат притисок врз Русија да го искористи своето влијание врз нејзиниот близок сојузник, сирискиот претседател Башар ал Асад, да го почитува прекинот на огнот и да ги пушти хуманитарните конвои на ОН во Алепо.

Русија и Сирија велат дека нивна цел се „терористи“ – нивна терминологија за бунтовниците кои се обидуваат да ја соборат сириската влада.