Македонија Новите антикорупционери го поминаа филтерот пред собраниската комисија

Новите антикорупционери го поминаа филтерот пред собраниската комисија

Гласањето на новиот состав на Антикорупциската комисија ќе се најде на дневен ред на првата наредна пленарна седница. За да се изгласаат новите членови на ДКСК потребно е просто мнозинство

Фото: Мета.мк

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја утврди листата за избор на претседател и членови на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата. Седумте најдобро рангирани кандидати за членови на ДКСК добија поддршка од членовите на собраниската Комисија.

Претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска информира дека листата со утврдените кандидати ќе ја достави до Собранието и се очекува оваа точка да се најде на дневен ред на првата наредна пленарна седница. За да се изгласаат новите членови на ДКСК потребно е просто мнозинство.

Изборот на новиот состав на Антикорупциската комисија предизвика голем број реакции, а членката на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на новиот состав на ДКСК Снежана Камиловска Трповска, во јавноста излезе со издвоено мислење за необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови на Комисијата. Нејзиниот став го поддржа и Платформата на граѓански организации за борба против корупција од каде ја осудија партизацијата и изигрувањето на процесот на избор на нови членови на ДКСК.

„Изненадува како останатите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис за селектираните кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивање на кандидати да одговорат на директни прашања за општествени состојби како процесот на заробеност на државата, високо профилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 год, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање“, изјавија од Платформата за борба против корупција.

Предлогот за нов состав на Антикорупциската комисија беше изгласан во вторникот на полноќ. Од пријавените 42 кандидати, беа избрани Цвета Ристовска, Татјана Димитровска, Софија Спасова Медарска, Сервет Демири, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова Шулев и Зоран Богоевски.

Татјана Димитровска, помошник на главниот државен ревизор – раководител на сектор за ревизија со овластување, според добиените бодови, е предлогот за нов претседател на Антикорупциската комисија.