Свет Новиот шеф на ФБИ најави продолжување на истрагата за руското мешање во...

Новиот шеф на ФБИ најави продолжување на истрагата за руското мешање во изборите

Федералното биро за истраги (ФБИ) ќе ја продолжи истрагата околу наводните врски помеѓу Русија и изборниот тим на Доналд Трамп и по разрешувањето на досегашниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, изјави денеска неговиот наследник, Ендрју Мекејб, пред комитетот за разузнавање на Сенатот, пренесува „Би-би-си“.

Мекејб пред комитетот на Сенатот изјави дека разрешувањето на Коми не влијаело на работата на ФБИ, додавајќи дека неговиот досегашен шеф имал „широка поддршка“ внатре во агенцијата.

Изјавите на Мекејб се во спротивност со тврдењата на официјалните претставници на Белата куќа, според кои Коми бил разрешен бидејќи ФБИ ја изгубило довербата во него, односно дека неговата стручност била доведена во прашање поради начинот на кој го водел случајот за електронската пошта на кандидатката за претседател на Демократската партија, Хилари Клинтон. Од друга страна, пак, критичарите го обвинуваат американскиот претседател, Доналд Трамп, дека го разрешил Коми поради водењето на истрагата за руското мешање во претседателските избори.

„Директорот Коми имаше широка поддршка во ФБИ и сè уште ја има. Можам искрено да ви кажам дека големо мнозинство вработени имаат длабока и позитивна врска со директорот Коми“, рекол Мекејб пред комитетот на Сенатот.

За испитувањето на наводите за влијанието на Русија во американските претседателски избори, тој истакнал дека станува збор за „многу значајна истрага“.

Мекејб, исто така, нагласил дека нема да доставува информации до Белата Куќа за статусот на истрагата и дека ќе го извести Сенатот за секој обид за мешање во случајот.