Дописници Над 1.000 нови барања за легализација на дивоградби во Штип

Над 1.000 нови барања за легализација на дивоградби во Штип

Во Штип, град со над 40.000 жители се поднесени дури 12.000 барања за легализација на бесправно изградени објекти. Само во последниот продолжен рок за легализација граѓаните  побарале легализација на нови 1.178 објекти.

Според Општината Штип, се работи за дивоизградени објекти, надградби на куќи и станови и доградби. Од досега поднесените барања, легализирани се околу 60 проценти. Службите реагираат дека граѓаните бавно ги комплетираат барањата со геодетските елаборати и бараат од нив навремено да им ги доставуваат документите. Потсетуваат дека и доставувањето на неопходните документи е со рок, кој истекува на крајот на годината.

За Општината Штип загрижувачки е и трендот на нови дивоградби, што почнале да никнуваат по рокот до кога може да се легализираат, односно март 2011 година. Последните две години, регистирани се нови 300 дивоградби, за кои Општината најавува уривање бидејќи се работи за непланско градење.