Подглавна секција Новата година пристигна во Самоа, Тонга и Кирибати

Новата година пристигна во Самоа, Тонга и Кирибати

Жителите на јужнопацифичките острови Самоа, Тонга и Кирибати во 11 часот според средноевропско време зачекорија во 2018 година, а наскоро по нив Новата година ќе пристигне и во Нов Зеланд, каде ќе биде дочекана со огномет над Оукленд од облакодерот „Скај“ висок 200 метри.

Во 13 часот, според средноевропско време, во 2018 година ќе влезат и некои подрачја на Русија, а потоа во 14 часот и Австралија, каде многумина ќе уживаат во спектакуларниот огномет во пристаништето над зградата на операта и мостот во Сиднеј.

Повеќе од 1,6 милиони посетители ќе уживаат во 15-минутниот спектакл во Сиднеј, кој вообичаено е првата слика од дочекот на Новата година што го обиколува светот.

Во Сиднеј, како што пренесуваат светските медиуми, со препреки е оневозможен пристапот до пристаништето за да се спречи евентуални напаѓачи со возила да влетаат во масата луѓе, а на местото се распоредени специјални полициски сили.

Инаку, Новата година ширум светот се дочекува со засилени мерки за безбедност.

Ширум Европа воведени се посебни мерки за безбедност, а оние што ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата 2018 година на улиците на европските престолнини можат да очекуваат прегледи на торбите и други проверки за да се избегнат можни терористички напади.