Здравје Нов рентген апарат донираше јапонската амбасада за болницата во Штип

Нов рентген апарат донираше јапонската амбасада за болницата во Штип

Фото: Јапонска амбасада во РСМ

Јапонија овозможи Клиничката болница во Штип да добие нов „Shimadzu“ подвижен дигитален рентген апарат на одделот за инфективни болести, во вкупен износ од 55.882 евра. Амбасадорот на Јапонија Савада Хиронори, денеска присуствуваше на церемонијата за комплетирање на GGP-проект во јавната здравствена установа (ЈЗУ) Клиничка болница Штип. Церемонијата беше организирана од страна на градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов и директорот на болницата, д-р Ален Георгијев.

„Овој апарат овозможи поквалитетно функционирање, посебно во услови на пандемијата на заболени од ковид-19 и зголемен број на пациенти со белодробни заболувања. Со оглед на тоа што бројот на заболени од корона вирусот во последните месеци е значително намален, подвижниот рендген апарат понатаму ќе го користат и пациентите од другите оддели во болницата”, рече д-р Георгијев.

Амбасадорот кажа дека овој апарат донел поквалитетни здравствени услови за пациентите од четирите региони кои гравитираат кон клиничката болница во Штип, како регионален здравствен центар и помогнал болницата да го намали ширењето на корона вирусот.

Јапонија финансирала над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за ковид-19.