Свет Европа Нов ден неизвесност во Каталонија откако Мадрид ја презеде власта

Нов ден неизвесност во Каталонија откако Мадрид ја презеде власта

Шпанскиот регион Каталонија, кој во петокот еднострано прогласи независност, по што шпанската влада ги суспендираше сите регионални водачи, од кои прв е лидерот Карлес Пучдемон, денеска влегува во првиот работен ден по прогласувањето независност, кога се очекува мерките што Шпанија ги донесе во петокот да стапат на сила.

Судот во Мадрид денеска ќе ја добие сета потребна документација врз основа на која ќе одлучи дали ќе поднесе обвинение против лидерот на Каталонија, Карлес Пучдемон, и другите сепаратистички лидери. Водачите на полицијата во Каталонија беа сменети во петокот, а тогаш падна и наредба да се отстранат фотографиите на Пучдемон од канцелариите на администрацијата.

Речиси целото раководство на регионот, пак, во текот на викендот повикуваше на „демократско спротиставување“ на Мадрид.

„Не можеме да го признаеме државниот удар против Каталонија, ниту, пак, која било од антидемократските одлуки“, напиша заменик-лидерот Ориол Хункуерас во колумна за еден каталонски весник викендов.

Во Каталонија се во исчекување на шпанската реакција откако разрешените лица од централната власт и денеска седнаа на работните места.

Медиумите во Каталонија наведуваат дека каталонската влада смета дека не е распуштена и покрај тоа што шпанскиот премиер, Марјано Рахој, ја распушти со активирање на членот 155 од Уставот и свика избори за 21 декември. Тие напоменуваат дека во службениот весник ниту е објавена смената на владата, ниту, пак, Декларацијата за независност.

Вчера, пак, во Барселона, се собра толпа од околу 300.000 луѓе кои вееја знамиња на Шпанија и на ЕУ. Луѓето протестираа против прогласувањето независност на регионалниот каталонски парламент во петокот.