Македонија Носење маски во затворен простор ќе биде избор, а не обврска

Носење маски во затворен простор ќе биде избор, а не обврска

фото: leo2014 from Pixabay

По редовниот состанок, Комисијата за заразни болести на денешната прес-конференција информираше дека заклучиле оти според моменталните услови може да се намалат рестриктивните мерки и се согласиле да препорачаат укинување на задолжителното носење на маските во затворен простор.

Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски рече дека носењето на маска ќе биде избор, а не обврска.

„Од оваа мерка исклучок се здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз. За овие четири затворени објекти останува задолжителното носење на маски. Во сите останати затворени простори маските можат да се носат само по желба на индивидуите, но задолжително носење не се практикува“, рече Петличковски.

Тој додаде дека втората мерка која ја донесе Комисијата е да се укине епидемиолошкото следење на контактите од потврдени случаи на Ковид-19 и последователната препорака за изолација на контактите.

Овие препораки ќе бидат испратени до Главниот координативен кризен штаб. Откако ќе поминат во штабот, препораките на Комисијата за заразни болести ќе се најдат на владина седница, а ако бидат усвоени, тогаш истите ќе стапат на сила во земјава.