Дописници Ноќеска под Пелистер огнот проголта 10 хектари нискостеблеста шума и автомобил

Ноќеска под Пелистер огнот проголта 10 хектари нискостеблеста шума и автомобил

Два пожари синоќа беснеја под Пелистер. Во едниот изгоре околу 10 хектари нискостеблеста шума, а во другиот се запалило вoзило „мерцедес 220“.

Од противпожарната единица во Битола велат дека пожарот кај селата Цапари и Ротино е локализиран доцна во ноќта, околу 2 часот , а во другиот одделен пожар кај Кажани изорело возило.

– Ситуацијата кај Цапари и Ротино беше сериозна, гореше нискостеблеста шума, смрека, треви. Се интервенираше со четири возила, 16 пожарникари, а на помош дојдоа и вработени од НП „Пелистер“, како и четворица доброволци од здужението „Пегас“. Ни помагаше и локалното население бидејќи ако огнот го преминеше патот кој води од Цапари до Ротино, ќе беше уште подраматично – вели за „Мета“ командирот на противпожарната единица во Битола, Коста Поповски, напоменувајќи дека критично било само за една викендичка.

Според него, речиси во исто време на раскрсницата кај селото Кажани се запалило и возило, каде е констатирана само материјална штета.

Како што вели Поповски, овие два случаи се одвоени иако се случиле под Пелистер, на само неколку километри оддалеченост.