Подглавна секција Нобеловата награда за мир е доделена на иранска активистка која сè уште...

Нобеловата награда за мир е доделена на иранска активистка која сè уште е во затвор

Во последните две децении таа била апсена 13 пати, осудувана е пет пати, односно на вкупно 31 година затвор и 154 удари со камшик

Илустрација: Niklas Elmehed © Nobel Prize Outreach

Активистката Наргес Мохамади е овогодишната добитничка на Нобеловата награда за мир поради нејзината долгогодишна борба за правата на жените. Таа моментално се наоѓа во озлогласениот затвор Евин во Техеран, пренесува Радио Слободна Европа.

Таа е активистка уште од времето кога била студентка. Работела како новинарка и активистка во различни организации за човекови права. Во последните две децении е уапсена 13 пати, осудувана вкупно пет пати, односно на 31 година затвор и 154 удари со камшик. 

Мохамади била уапсена поради нејзините ставови во врска со укинувањето на смртната казна во Иран како и нечовечниот третман на затворенички. 

Таа изрази поддршка за ланските протести во Иран, повторно од затвор. Инаку, тие протести беа поттикнати од смртта на 22 годишната Махса Амини, која умре во затвор откако беше уапсена поради прекршување на иранските закони во врска со носењето на хиџаб. 

Во снимка од евинскиот затворот која беше споделена со Си-Ен-Ен, може да се чуе Мохамади како го води скандирањето на слоганот „Жена, живот, слобода“ од ланските протести во земјата. Дополнително, се слушаат затвореничките како пеат персиска верзија на италијанската народна песна „Бела чао“, која своевремено служела како симбол против фашизмот и која беше прифатена од иранските активисти како симбол на отпор.