Свет Европа Низа обвинувања по соборувањето на американски дрон од Русија над Црно Море

Низа обвинувања по соборувањето на американски дрон од Русија над Црно Море

Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност во Белата куќа изјави дека САД оперираат во меѓународните води, додавајќи дека Црното море е дел од меѓународните воздушни граници и дронот се наоѓал во тој простор

Извор на фотографија: Lt. Col. Leslie Pratt - commons file, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=68095681

Американските власти ја обвинија Русија дека мора да го почитува меѓународниот воздушен простор откако дрон на војската на САД се урна во Црното Море кој претходно бил намерно оштетен од руски воени авиони, пишува Би-би-си. Според тврдењата на американската војска, пред дронот летал авион „Сухој-27“ и намерно исфрлил гориво, по што се судрил со дронот што предизвикало оштетување на пропелер на дронот и негово уривање во Црното Море, пренесува Си-Ен-Ен.

Американската војска информира дека два руски авиони летале во близина на дронот околу 30-40 минути пред инцидентот. Воедно, тие соопштија дека по инцидентот самиот дрон не можеле да го контролираат и морале да го приземјат во Црното Море, а судирот најверојатно предизвикал и оштетување на рускиот авион. Русија демантира дека нивни авиони оствариле било каков контакт со дронот.

За да протестира за ваквиот инцидент, САД го повикаа рускиот амбасадор Анатолиј Антонов во Стејт департментот, за на високо ниво го пренесат американскиот став откако американскиот дрон се урна во Црно Море.

Воедно, Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност во Белата куќа изјави дека САД оперираат во меѓународните води и ќе продолжат да го прават истото и во иднина, додавајќи дека Црното Море е дел од меѓународните воздушни граници и дронот се наоѓал во тој простор.

Рускиот амбасадор во САД, Антонов изјави дека официјална Москва смета дека инцидентот со дронот бил „провокација“ и неприфатлива активност на американската војска во близина на нејзината граница. Американските власти пак ги предупредија руските власти дека вакви инциденти „може да доведат до погрешна пресметка и ненамерна ескалација“.

САД додаваат дека веќе имало „шема на опасни дејствија од страна на руските пилоти“, во интеракција со сојузничките авиони во овој регион. Ова значи дека соборувањето на дронот би можело да биде и резултат на грешка на руски пилот кој премногу се доближил додека го „зумирал“ дронот. Сепак, ако ова бил намерен напад врз американскиот дрон од руски воен авион, тогаш аналитичарите за Би-би-си велат дека тоа би претставувало огромна провокација и значителна ескалација во односите меѓу САД и Русија.