Македонија Нимиц во Скопје на средби со државниот врв и Мицкоски и Ахмети

Нимиц во Скопје на средби со државниот врв и Мицкоски и Ахмети

Посредникот од ОН во преговорите за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, утре ќе биде во Скопје на официјална посета и разговори со државниот врв и министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Нимиц утре во 12 часот ќе се сретне со Никола Димитров. Ќе се разговара за иницијалната рамка за надминувањето на разликата за името.

Од Владата информираа дека претходно, во 10 часот Нимиц ќе се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, а во 11 часот е средбата со премиерот Зоран Заев.

Средбите со лидерите на политичките партии се закажни за попладне, односно во 15 часот ќе биде средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и во 16 часот со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Нимиц треба да пристигне попладнево или вечерва во Скопје, каде доаѓа од Атина. Вчера таму имаше средба со министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, по што изјави дека е време за носење одлуки. Посредникот и специјален пратеник на Генералниот секретар на ОН оцени дека грчката влада е искрена и активна во решавањето на проблемот.

– Веќе нема смисла да се чека. За ова прашање разговараме веќе 25 години. Сите знаат кои се прашањата. Време е за носење одлуки и мислам дека сме тука – рече медијаторот по средбата со Коѕијас.