Свет Балкан Нимиц: Средбата меѓу Заев и Ципрас е од историско значење, има динамика...

Нимиц: Средбата меѓу Заев и Ципрас е од историско значење, има динамика за решение

Позитивна, важна и од историско значење е средбата на Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, вели медијаторот во преговорите за решавање на спорот за името, Метју Нимиц во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, во пресрет на неговата посета на Атина и на Скопје, следната недела.

Нимиц вели дека постои динамика за решение и оти е оптимист дека во соработка со меѓународната заедница, во координација на Обединетите нации, со Вашингтон, Брисел и Берлин, може да се постигне заемно прифатлив договор.

– Целосно верувам дека сега постои општа желба во двете земји и општо во меѓународната заедница да се решат отворените прашања меѓу двете соседни земји и дека е можно изнаоѓање решенија. Ова е историска можност што сите треба да ја искористиме – вели Нимиц, додавајќи дека не постои сомнеж дека решавањето на проблемот ќе ја зајакне стабилноста во Европа и ќе биде во корист на граѓаните на двете земји.

Нимиц на покана на владите на двете земји ќе престојува во Атина и во Скопје во периодот од 29 јануари до 1 февруари.

Тој на 31 јануари ќе пристигне во Скопје, а следниот ден ќе има средби со државниот врв.