Економија Николовски: Огревно дрво се извезуваше за Грција, наместо да го добијат граѓаните

Николовски: Огревно дрво се извезуваше за Грција, наместо да го добијат граѓаните

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, го обвини Јавното претпријатие „Македонски шуми“ дека додека македонските граѓани останале без греење, ова претпријатие извезувало огревно дрво во Грција.

– ЈП „Македонски шуми“ од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на 27 јули 2015 година побарало дозвола за извоз на околу 30.000 кубни метри огревно дрво, со образложение дека домашната побарувачка се задоволува од домашни потреби. Министерот експресно, следниот ден, одговорил позитивно на ваквото барање и дал одобрение за извоз на 29.028 кубни метри дрва. Додека многу семејства на почетокот на грејната сезона останаа без дрвата што ги имаа платено во ЈП „Македонски шуми“ и беа принудени да плаќаат и по 4.000 денари за кубен метар од приватните складишта, јавното претпријатие барало, а Министерството одобрило извоз на речиси 30.000 кубни метри огревно дрво – изјави Николовски.

Тој прашува кој профитирал од оваа зделка на штета на граѓаните, бидејќи со ова, наместо граѓаните да ги добијат огревните дрва што го платиле, било одобрено тие да се извезуваат во Грција.