Економија Николовски: Нови докази за скандалите поврзани со градоначалникот на Демир Капија

Николовски: Нови докази за скандалите поврзани со градоначалникот на Демир Капија

„Сопругата на градоначалникот на Демир Капија, Виолета Димитриева, избришана од Централен регистар и како управител и како сопственик на компанијата „Корал“, и понатаму склучува договори и потпишува во име на фирмата. За потпишување на договорите за исплата на огромни износи на субвенции, кривични пријави досега заработија поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски, и директорот на платежната агенција, Тони Димовски“, изјави дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Љупчо Николовски.

Тој на прес-конференција прикажа договор „за уште една цесија потпишана од министерот Димовски, повторно без печат, само со потпис од сопругата Димитриева.“

– Можете јасно да видите дека исто така нема печат. Иако Виолета повеќе од една година не е ништо во фирмата, нејзиниот потпис очигледно е многу важен, потпишува фактури и налози. Но, за сето ова време, најважен од сите е градоначалникот на Демир Капија, Трајче Димитриев, и нему никој ништо не му  можел во изминативе 10 години од владеењето на Груевски. Објавуваме скандалозен доказ за судир на интереси, со што овој локален моќник пет години истовремено е градоначалник и управител на „Барово“, уште една компанија поврзана со агробизнис во сопственост на фамилијата Димитриеви – изјави Николовски.