Македонија Николовски: Неделковски од државата добил пасиште за 744 грла добиток, а има...

Николовски: Неделковски од државата добил пасиште за 744 грла добиток, а има само 60 кози

Документите покажуваат дека блиските соработници на Никола Груевски, фамилијата Неделковски, располага со 186 хектари пасиште, обвини денеска на прес-конференција Љупчо Николовски, дополнителен заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Еве го договорот за закуп на 186 хектари пасиште во селата Долно Чичево и Подлес, склучен во 2009 година кога на власт се Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Еве ја тековната состојба на корисникот на концесијата „Натурал фуд ДОО“ – Градско, издадена на 29 декември 2015 година. Сопственици се Виолета Неделковска и Друштвото за продукција „Вондер интернационал – М ДООЕЛ“. Еве ја и тековната состојба на „Вондер интернационал – М ДООЕЛ“ Скопје, издадена исто така на 29 декември 2015 година. Сопственик е Виолета Неделковска, а управител Миленко Неделковски, миленикот на Никола Груевски. Сите со иста адреса и место на живеење“, рече Николовски.

Дополнителниот заменик-министер вели дека фирмата со само 60 кози користи пасиште кое одговара за 744 грла добиток. Тој ја повика Агенцијата за храна и ветеринарство да одговори колку кози денес има корисникот и дали ја достигнал бројката што е предвидена со овој договор?

„Додека другите сточари молат за парче земја за напасување на добитокот, овој миленик на Груевски добива површина колку 250 фудбалски игралишта или цел пашалак“, вели Николовски.