Македонија Николовски: Груевски бега од фер избори за да ја спаси сопствената кожа

Николовски: Груевски бега од фер избори за да ја спаси сопствената кожа

Љупчо Николовски, член на извршниот одбор на СДСМ и дополнителен заменик-министер за земјоделство во оставка, денеска на прес-конференција рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во обид да ја спаси сопствената кожа бега од фер и демократски избори и постојано го прекршува Договорот од Пржино.

Николовски вели дека криминалот на Груевски преку злоупотреби во државните институции е целосно потврден.

– Злоупотреби со земјоделските субвенции, наместени тендери, корупција, незаконски и фалсификувани договори, задоволување на бизнис-партнерите блиски до власта, а на штета на земјоделците, судир на интереси, непотизам, узурпирање на земјата на вистинските земјоделци и злоупотреба на ресурсите на министерството за земјделство. Ова е она што го откривме во овие четири месеци откако опозицијата влезе во оваа институција. Од овие причини Груевски не сака да има фер и демократски избори, затоа избирачкиот список не е прочистен и затоа нема реформи во медиумите. Лажните и измислени анкети што ги пласира власта нема да ја променат реалноста – изјави Николовски.

Тој потсети на сите случаи во кои незаконски им се помагало на „луѓе блиски до власта“. Дополнителниот заменик-министер рече дека за криминалот што го откриле во министреството за земјоделство следува одговорност и дека никој не може да им помогне на Никола Груевски и на неговите пулени.