Македонија Николов: Судиите имаат капацитет и интегритет да ја вршат судиската работа

Николов: Судиите имаат капацитет и интегритет да ја вршат судиската работа

Претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, вели дека ги слушнала снимките, но дека во изборот на судии немало местења. Таа вели дека не добивала подароци и дека многу повеќе сакала бисери, отколку кристали од „Сваровски“.

Неделкова смета дека судиите имаат интегритет и знаење и граѓаните треба да веруваат во нивната работата.

– Ова се претвори во јавно судење. Треба да се почитува судството, а дали и тоа се случувало, не можам да коментирам бидејќи не знам – истакна Неделкова.

Сличен став има и Николчо Николов, претседател на Здружението на судии, кој не сака да ги коментира објавените снимки.

– Судиите имаат капацитет и интегритет да ја вршат судиската функција во согласност со Уставот, законите и со меѓународните договори, ратификувани во согласност со Уставот и со тоа обезбедуваат непристрасно судење, заштита и унапредување на слободите и на правата на граѓаните и доследно почитување на принципот на владеење на правото. Не очекувајте од мене да излегувам надвор од тоа што ќе го заклучи управниот одбор и е сублимат на онаа расправа за која се договоривме дека врз основа на неа ќе излеземе во јавноста – вели Николовски.

Денеска во Македонија се прославува денот на правосудството, а Врховниот суд одбележа 70 години јубилеј од своето постоење.