Подглавна секција Ники Хејли се откажа од претседателската трка во САД, засега не го...

Ники Хејли се откажа од претседателската трка во САД, засега не го поддржува Трамп

Најавата на Хејли доаѓа ден откако Трамп победи во 14 од 15 земји кои гласаа за кој ќе биде републиканскиот кандидат за претседател

Glenn Youngkin, PDM-owner, via Wikimedia Commons

Кандидатката за републиканскиот претставник на претстојните претседателски избори во САД Ники Хејли денеска најави дека се повлекува од претседателската трка, пренесува Си-ен-ен.

Ова известување доаѓа ден по „Супер Вторник“, односно денот на кој се гласа во 15 американски држави за кандидат за претседател истовремено. Нејзиниот противкандидат Доналд Трамп победи во 14 од 15 држави, а претходно имаше победено во 8 други држави, додека Хејли претходно само во Вашингтон го претрка Трамп.

Највпечатливо во најавата за повлекување од претседателската трка на Хејли е тоа што таа не го поддржа Трамп директно, како што често прават претседателските кандидати при ваквите најави.

„Сега останува на Доналд Трамп да ги добие и заслужи гласовите на оние во нашата партија и вон неа. И се надевам дека ќе го направи тоа“, изјави Хејли.

Во својот говор, Хејли ја истакна важноста на одржувањето на добра надворешна политика. Хејли, која претходно има служено како американската амбасадорка за Обединетите нации, рече дека мора да се осигура дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина во војната со Русија, тврдејќи дека повлекувањето на САД би предизвикало поголем конфликт, не помал.

За време на својата кампања, Хејли се поставуваше како кандидат со поумерена политичка програма, која би можела да привлече и гласови од тие кои не спаѓаат во групата на лојални Републиканци.

Сепак, и првичните анкети покажаа дека сите други републикански кандидати за претседател немаа реална шанса да победат против Доналд Трамп, како што и покажаа резултатите од Супер Вторник.