Економија Незири: Не стигнале предлог-мерките на Коморите за излез од кризата

Незири: Не стигнале предлог-мерките на Коморите за излез од кризата

Министерот за економија, Беким Незири, истакна дека предлозите на коморите за излез од кризата и како државата да ѝ помогне на домашната економија, сè уште не стигнале до Mинистерството за економија.

– Министерството за економија е отворено за стопанскиот сектор и сите сугестии и предлози што ќе ги добиеме, ќе ги разгледаме и ќе ги проследиме на владина седница. Досега, до Министерството сè уште не стигнале никакви предлог-мерки од коморите – изјави Незири.

Стопанската комора на Северозападна Македонија побара да се следат финансиските трансакции за да нема неконтролиран прилив и одлив на пари, Владата да се воздржи од нереални ветувања кои не може да ги исполни, како што се зголемување плати, пензии, разни премии, субвенции и нереални вработувања и да не се преоптоварува и задолжува на домашниот и на надворешниот пазар.

Сојузот на стопански комори бара поддршка и зголемување на извозот, поддршка на домашните компании за зголемување на домашното инвестирање, продолжување на привлекувањето странски инвестиции.

Министерот за економија Незири, пак, смета дека државата има капацитет да ја надмине кризата и таа нема да има поголеми влијанија врз економијата.